Шок: Киево губи 15 бода и испаѓа од „Серија А“

Киево успеа да обезбеди опстанок во италијанската елита на теренот, но како што стојат работите овој клуб ќе испадне од „Серија А“ на „зелена маса“, по дисциплинската постапка против него за прикажување на лажни сметководствени извештаи.

Јавното обвинителство денеска го поднесе својот извештај по истрагата за клубот од Верона, при што беа презентирани докази за „пумпање“ на вредноста на фудбалерите, а со самото тоа и на целокупниот клуб и прикажување на нереална добивка. Според овие докази, вредноста на играчите била зголемувана и до неверојатни 9.000%, поради што се бара казна на претседателот да не може да врши спортска функција во наредните 36 месеци, a клубот да биде казнет со одземање на 15 бодови.

Притоа, обвинителството бара Киево да биде казнет бодовно за изминатата сезона, што со предвидениот „минус“ би значело испаѓање на овој клуб од елитното друштво, а спас за Кротоне, кој пред два месеци ја загуби битката за опстанок.

Конечната одлука по ваквото барање на обвинителството се очекува во најскоро време, се со цел клубовите што поскоро да знаат во кое натпреварување ќе учествуваат и да го планираат тимот и трансферите за овој преоден рок.

Се вчитува...