Елис Мертенс го приреди најголемото изненадување во досегашниот тек од Вимблдон, откако успеа да ја елиминира втората носителка Елена Рибакина со 2-0 во сетови.
Рибакина имаше шанса со триумф на Вимблдон да се искачи на врвот на ВТА-листата, но Мертенс со победата денеска и направи џиновска услуга на Арина Сабаленка која ќе остане на чело и во наредниот период.
Рибакина беше голема фаворитка ако се знае дека имаше седум победи на досегашните осум дуели со Мертенс, но казахстанската тенисерка делуваше дефокусирано, со бројни неизнудени грешки олеснувајќи ја задачата на противничката. Дуелот беше израмнет до 5-5 в првиот сет, кога Мертенс направи брејк. Рибакина успеа да се врати и да израмни на 6-6,но Мертенс беше подобра во тајбрејкот и славеше со 7-4.
Не само што фаворитката не се разбуди, туку заигра уште полошо, а Мертенс го искористи тоа и со два брејка поведе со 5-1 во вториот сет. Рибакина пропушти шанси за брејк и за враќање во мечот, по што Мертенс го доби и маратонскиот последен гејм (што траеше десетина минути) и стигна до пласман во осминафиналето на Вимблдон.
Нејзина противничка во следното коло ќе биде Бузкова од Чешка, која со пресврт славеше со 2-1 над Самсонова од Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
