Шок-терапија за Работнички или меч-топка за МЗТ?

Работнички и МЗТ Скопје ќе се сретнат вечерва (20.15 часот, СЦ „Борис Трајковски) во вториот меч од финалната серија во кошаркарскиот плејоф. „Металците“ премногу лесно и убедливо го декласираа вечниот ривал со 80-44 во првата средба, по што тренерот Докузовски жестоко ги критикуваше своите кошаркари за срамното издание. Останува да се види денешната реакција на актуелниот првак, кој и во полуфиналето се наоѓаше во слична ситуација, убедливо ги губеше гостинските средби со Блокотехна, но делуваше далеку поквалитетно на домашните натпревари.

Овојпат задачата ќе биде уште потешка бидејќи Работнички ќе мора да се снаоѓа без помошта на Мираковски, откако капитенот заработи повреда во второто полувреме од првиот меч и за него оваа финална серија е предвреме завршена.

МЗТ одигра перфектен натпревар во одбраната во саботата, но тренерот Ѓорѓи Кочов ги предупреди своите избраници дека убедливата победа никако не смее да донесе и опуштање пред првиот гостински натпревар.

„Тоа беше само една победа и ќе мора веднаш да ја заборавиме и да се фокусираме на следниот натпревар. Секој меч има посебна енергија и носи посебна приказна. Се уште е рано за титулата“, изјави Кочов.

Се вчитува...