Шоу на Киеза – Италија со убедлива предност на полувреме (ВИДЕО)

ЕКИПА во Рим,

Никола Станикевски

Фудбалската репрезентација на Македонија има негатива од 3-0 на полувреме на гостувањето кај Италија во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија. Нашите фудбалери одиграа едно во најмала рака слабо прво полувреме, во кое во сите 45 минути беа инфериорни на терено, а во одбраната дозволуваа многу простор на одличните италијански фудбалери.

Првата мини-шанса во натпреварот ја имаше Македонија кога во шестата минута Елмас имаше отворен простор по левата страна, но нашиот „дијамант“ не биеше баш најдобро, а неговиот удар го блокираше Дармијан.

Аѕурите успеаја да ја затресат мрежата на Македонија во 13. минута преку Џакомо Распадори, но голот по проверка на ВАР беше поништен поради офсајд. Италијанците повторно се заканија во 16. минута кога Киеза биеше, но неговиот удар одлично го скроти Столе Димитриевски. Следеше корнер за Италија по кој домаќините преку Дармијан поведоа со 1-0 во 17. минута.

Домашната репрезентација имаше нова шанса во 30. минута кога Киеза повторно биеше кон нашиот гол, но беше успешно изблокиран. Македонија беше индиспонирана и во продолжението на првото полувреме, а новата закана од противникот стигна во 36. минута кога Распадори биеше кон нашиот гол, но неговиот удар заврши над пречката.

По третиот корнер на Италија, Серафимов неспретно играше со рака во нашиот шеснаесетник, по што главниот судија Феликс Цвајер во 38. минута покажа на белата точка. Одговорноста да го изведе казнениот удар ја имаше повратникот во репрезентацијата Жоржињо, но Столе Димитриевски уште еднаш покажа дека е еден од најдобрите голмани моментално во Европа успевајќи на маестрален начин да го спречи обидот на Италијанецот. „Аѕурите“ продолжија со уверливата игра, а само две минути по пеналот повторно нашата слаба реакција во одбраната ја искористи Федерико Киеза кој со удар од шеснаесетина метри зголеми на 2-0.


Истиот фудбалер до крајот на првиот дел со неверојатен погодок донесе нова радосто за домаќините во третата минута од судиското продолжение за 3-0.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Aлиоски, Муслиу, Серафимов, Манев, Димоски, Адеми, Елези, Барди, Елмас, Миовски. 

ЗАМЕНИ: Алексовски, Шишковски, Илјазовски, Ашковски, Чурлинов, Митровски, Давид Бабунски, Алими, Милан Ристовски, Даци, Атанасов, Тодороски. 

ИТАЛИЈА: Донарума, Дармијан (17′), Гати, Ачерби, Димарко, Барела, Жоржињо, Бонавентура, Берарди, Киеза (41′, 45+3′), Распадори. 

ЗАМЕНИ: Проведел, Карнеши, Лазари, Манчини, Бонџорно, Скамака, Кристанте, Фратези, Политано, Заниоло, Ел Шарави, Камбијасо. 

Се вчитува...