Шоу на Салах: Ливерпул е на чело на Премиер-лигата, прашањето е до кога…

Ливерпул го прескокна Манчестер сити и се искачи на првото место на табелата во Премиер-лигата откако „црвените“ попладнево убедливо славеа на гостувањето против Бурнемаут со 0-4. Со тоа тимот на Јирген Клоп сега има еден бод предност во однос на избраниците на Пеп Гвардиола, кои во 18.30 часот го играат дербито на колото, на гостински терен против Челси.

Во главна улога на денешниот натпревар беше Мохамед Салах, кој со три погодоци покажа дека во вистински момент се враќа во топ-форма. Египетскиот ас го отвори резултатот во првото полувреме, по една одбиена топка по шутот на Фирмино. Следеше добра реализација на самиот почеток од второто полувреме за водство од 0-2, пред Кук со автогол да ги разреши сите дилеми околу победникот на оваа средба.

Последниот гол беше вистинско ремек-дело, Салах два пати го дриблаше голманот Беговиќ, за на крајот да ја смести топката во неговата мрежа, за свој прв хет-трик оваа натпреварувачка сезона.

Се вчитува...