Шпанец е нов селектор на Чешка, прв странец во историјата на репрезентацијата

Фудбалската репрезентација на Чешка доби нов селектор, откако Фудбалската асоцијација на Чешка (ФАЧР) го назначи Шпанецот Санти Денија за предводник на националниот тим.

Педесет и двегодишниот стратег потпиша двегодишен договор со можност за продолжување на соработката, а своето деби на клупата ќе го има во септемвриските натпревари од Лигата на нации против Хрватска и Англија. Дел од неговиот стручен штаб ќе биде и сонародникот Пабло Амо, кој ќе ја извршува функцијата помошник-тренер.

Денија на селекторската функција го наследува Мирослав Коубек, кој ја напушти репрезентацијата по настапот на Светското првенство оваа година. Со своето именување, Денија стана првиот странски селектор во историјата на чешката фудбалска репрезентација.

Шпанскиот тренер зад себе има импресивни резултати во младинскиот репрезентативен фудбал. Тој ја предводеше олимписката репрезентација на Шпанија до златниот медал на Олимписките игри во 2024 година, а со младинските селекции до 19 и до 17 години освои европски титули.

„Среќен сум што сум тука и исклучително мотивиран, бидејќи можноста да ја водам чешката репрезентација ја сметам за голема чест. Чешкиот фудбал има богата историја и навистина е привилегија да бидам дел од овој амбициозен проект. Верувам дека заедно ќе бидеме успешни. Сакам што побрзо да започнам со работа“, изјави Денија за официјалната интернет-страница на Фудбалската асоцијација на Чешка.

Се вчитува...