Шпанија е во полуфиналето, Коралес ја спаси „црвената фурија“

Шпанија е втората селекција (по Данска) што обезбеди пласман во полуфиналето од ЕП 2012 откако актуелниот европски првак славеше на денешниот дуел со Полска (28-27), обезбедувајќи си едно од првите две места во својата група. Шпанците на денешниот меч беа засилени со враќањето на Канељас, Полјаците дополнително ослабени поради нови позитивни случаи во нивниот табор, но и во една таква ситуација шпанските ракометари се мачеа да го скршат отпорот на незгодниот противник.

Почетокот најави лесна задача за фаворитот, откако за помалку од десет минути игра шпанските ракометари поведоа со 6-2, нешто подоцна и со 7-3. Ослабената полска селекција сепак покажа карактер, набрзина успеа да се врати, па до крајот на полувремето се играше „гол за гол“, а Шпанија замина на одмор со предност од 14-13 со голот на Фернандез. „Црвената фурија“ се одлепи на „плус три“ на стартот од вториот дел, но Полјаците повторно не се предадоа, намалувајќи на 24-23, при овој резултат не користејќи и напад за израмнување. Во финишот клучната улога ја одигра голманот Коралес со два одбранети зицери во последната минута, за победа од минимални 28-27 и место меѓу најдобрите четири селекции на овој шампионат.

Касадо, Гомез и Соле со по четири погодоци беа најефикасни во шпанскиот состав, а на спротивната страна со шест гола најдобар поединец беше Морито.

Вториот патник во полуфиналето од оваа група ќе биде познат по вечерашната директна пресметка во Братислава меѓу селекциите на Шведска и на Норвешка.

Се вчитува...