Шпанија во четвртфинале, Турција „во аут“

Шпанија го издржа притисокот од трибините и го елиминираше домаќинот Турција (73-56), пласирајќи се во четвртфиналето од Евробаскет 2017. Турските кошаркари максимално мотивирани влегоа во мечот, имаа и фантастична поддршка од навивачите, но сепак немаа сили за да го изненадат големиот фаворит, кој заслужено се пласираше во следната рунда.

Шпанската одбрана функционираше беспрекорно на самиот почеток, па во стартните осум минути домаќинот постигна само шест поени (6-14), па „црвената фурија“ заслужено ја доби првата четвртина со 10-19. Вториот период мина во израмнета игра, а Турците почнаа опасно да се закануваат во третата четвртина. Домаќините пред крајот стигнаа и до „минус три“, но Серхио Родригез со тројка со звукот на сирената ја олади вжештената атмосфера во арената во Истанбул, за водство на Шпанија од 43-49  пред завршните десет минути од осминафиналето.

За разлика од претходниот период, овојпат избраниците на Скариоло максимално сериозно ја одиграа завршната четвртина, не доволувајќи домаќинот посериозно да се приближи, па Шпанија заслужено славеше со конечни 73-56, за пласман во четвртфиналето и пресметка со Германија.

Рики Рубио со 15 поени беше најефикасен кај Шпанија, Пау Гасол постигна 11 поени, а исто толку имаше и Родригез, надополнети со девет асистенции. Прв стрелец кај Турција при денешниот пораз беше Коркмаз со 20 поени.

Се вчитува...