Шпанија во извонреден натпревар обезбеди место во финалето на Европското првенство во Хрватска славејќи против Франција во драматичната полуфинална пресметка со 23-27 (9-15).
„Црвената фурија“ одигра одлични 45 минути стигнувајќи до предност и од цели девет гола разлика. Но, во финишот за малку ќе дозволеше и пресврт на противникот. Сепак, се созедоа Шпанците во последен моменти на крајот сосема заслужено стигнувајќи до големата победа против светскиот шампион.
Максимално специфичен момент на мечот беше кој друг ако не вардаровиот голман Арпад Штербик кој се појави само во четири мигови на паркетот кога Французите требаше да шутираат пенали. И од пет обиди на противникот, Штербик мајсторски одбрани три пенали, два во првото и еден во второто полувреме, и тоа во клучните моменти кога „црвената фурија“ создаваше предност за триумф.
Токму благодарение на Штербик, Шпанците на полувремето заминаа со предност од 9-15, а во ист ритам продолжија и во вториот дел.
На 16 минути пред крајот Шпанците дојдоа до предност и од девет гола разлика (14-23). Но, за само шест минути Французите реализираа неверојатна серија од 6-0, па на 10 минути до крајот дојдоа до 20-23. Веднаш потоа Шпанците не реализираа пенал, за да сепак потоа Канељас конечно по седум минути постигне гол за Шпанија за водство од 20-24.
До крајот во ритам гол за гол, Шпанците рутински приведоа до финишот за конечна победа од 23-27 и пласман во големото финале на Европското првенство.
Најефикасен во победничкиот тим беше Соле со 7 гола, а Ентрериос постигна шест погодоци и ја доби наградата играч на мечот. Кај Франција се издвои Сораиндо со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА