Шпанките не издржаа против моќната Романија

Романија експресно се рехабилитираше од поразот во минатото коло од Холандија, па со денешната победа над Шпанија од 27-25 направи голем чекор напред кон полуфиналето од женското ракометно ЕП.

Шпанките имаат за што да жалат ако се знае дека „црвената фурија“ во поголемиот дел од натпреварот имаше водство, но не успеа да издржи до самиот крај. Романките во првите 13 минути постигнаа само еден гол (1-6), по што цело прво полувреме ја бркаа негативата што до паузата ја намалија на само два гола разлика (10-12).

Голманката Деду имаше неколку одлични интервенции на стартот од вториот дел, по што Романија најпрвин го израмни резултатот, а потоа и направи целосен пресврт, стигнувајќи до удобни три гола предност што ги претвори во рутинска победа. Неагу со седум и Пинтеа со шест погодоци беа најефикасни во победничкиот состав, кој во последното коло ќе води клучна битка со Унгарија за место во полуфиналето.

Се вчитува...