Шпанската Бидасоа трет обид за деби триумф на Работник во ЛШ

Македонскиот ракометен вицепрвак, Еурофарм Работник има тешка мисија, на гостувањето во Шпанија кај Бидасоа да направи обид и да ја оствари првата победа во деботантскиот настап во Лигата на шампионите. Битолскиот состав во претходните две рунда претрпе порази од Спортинг Лисабон на домашен терен и на гостувањето кај Савехоф.

На средбата во Шпанија, Работник отиде без Никола Маркоски, но со повратникот Мартин Велковски кој по една година им се враќа на ракометните терени.

Денешниот противник на Работник во шпанското првенство има одлични резултати, се наоѓа во групата екипи од второто до четвртото место кои по четири одиграни кола имаат по еден пораз, неуспехот му е од мечот со Барселона од која загуби со 26-23.

Бидасоа спротивно од Работник, сезоната во Лигата на шампионите ја почна со две победи, има четири бода, и е на втората позиција, но првопласираниот Савехоф веќе го одигра дуелот од ова коло и славеше над Спортинг.

Битолскиот состав пак во натпреварот ќе влезе по супериорната победа над Металопастика во СЕХА лигата.

 

Се вчитува...