Шпанската полиција изврши претрес во просториите на Шпанската фудбалска федерација како дел од судската истрага за наводната повеќегодишна исплата на милиони евра, кои Барселона му ги плати на потпретседателот на Судискиот комитет, Хозе Марија Енрикез Негреира.
Како што тврди Ројтерс, постои сомневање дека имало системска корупција од страна на Барселона, поради што е покрената истрага, а во рамките на која заедно со каталонскиот клуб ќе се проверува и документацијата на Шпанската фудбалска федерација.
Сомнежите за системска корупција се појавија во март оваа година, кога беше откриено дека во претходните 17 години, Барселона платила 7,3 милиони евра на компаниите на Хозе Марија Енрикез Негреира, кој беше потпретседател на Судиската комисија на шпанската федерација од 1993 до 2018 година.
Ројтерс истакнува дека не може да добие реакција од Негреира и Барселона по најновите информации за истрагата, но потсетува дека челниците на каталонскиот клуб уште во февруари ги негирале сите наводи дека актуелниот шампион на Шпанија бил вмешан во какви било нечесни дела.
Барселона тогаш објави дека плаќала консултант кој им ги доставувал „техничките извештаи поврзани со професионалното судење“ и додаде дека тоа е вообичаена практика во професионалните фудбалски клубови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА