Шпанците го спакуваа Адетокумбо, Грција е на раб на елиминација од ОИ

Шпанија славеше над Грција со резултат 84-77 во европската пресметка од групата Б од кошаркарскиот турнир на ОИ во Париз, по што нашиот јужен сосед се наоѓа на работ на елиминација од натпреварувањето. Грците имаат два пораза на стартот од олимписките игри, па сега за да избегнат елиминација неопходно ќе им биде да ја совладаат Канада во последното коло, но и во прилог да им одат резултатите од преостанатите мечеви во групата и кош-количникот.

Како пресудно се покажа првото полувреме во кое шпанската репрезентација делуваше импресивно во нападот, пред се благодарение на извонредниот шут од далечина. „Црвената фурија“ погоди 11 тројки од вкупно 17 обиди, на одмор заминувајќи со убедлива предност од 49-35. Грците предводени од Адетокумбо покажаа карактер, целосно враќајќи се во мечот во четвртата четвртина. На помалку од минута докрајот при резултат 80-77 Јанис имаше и обид за тројка за израмнување, не успеа да ја погоди, по што Шпанците на крајот славеа со конечни „плус седум“.

Санти Алдама повторно беше прво име во шпанскиот табор постигнувајќи 19 поени, ветеранот Серхио Љуљ реализирајќи 13 поени за „црвената фурија“, додека Адетокумбо имаше 27 поени и 11 скокови за Грција, недоволно за да се стигне до првиот триумф на ОИ во Париз.

Се вчитува...