Шпанците ќе ја спасат кошаркарската сезона, Димитријевиќ го фати последниот воз

Кошаркарските лиги во голем дел од Европа се предвреме завршени, но Шпанците најдоа начин да го финишираат својот шампионат. Состанокот на сите клубови од Ендеса Лигата донесе и заедничко решение, најдобрите 12 екипи според моментниот пласман на табелата би играле на завршен турнир што би се одржал во еден град.

Барселона, Реал Мадрид, Сарагоса, Тенерифе,Билбао, Андора, Уникаха, Валенсија, Бургос, Басконија, Гран Канарија и Хувентуд се клубовите кои ќе разигруваат за титулата, а досега понуда за организација доставил само тимот на Андора. Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ го фати последниот воз со Хувентуд, неговиот тим се наоѓа на 12. место на табелата, со идентичен скор како и Манреса и Обрадорио, но и подобар скор во меѓусебните дуели со овие две екипи.

„Сезоната останува суспендирана додека трае вонредната состојба во земјата. Утврден е начинот на кој таа може да биде финиширана, а конечната одлука ќе се донесе пред крајот на месец мај, во зависност од државните мерки и случувањата поврзани со коронавирусот“, објавија шпанските медиуми.

Сепак, во ситуација кога се очекува да продолжи фудбалската сезона, нема да има пречка ниту за продолжение на кошаркарскиот шампионат, особено во еден ваков формат, без патувања и во сала без присуство на навивачи.

Овие 12 екипи ќе бидат поделени во две групи по шест тима, потоа најдобрите две од секоја група ќе се најдат во полуфиналето, каде победниците ќе се сретнат во големото финале, кое ќе го даде новиот првак на Шпанија.

Се вчитува...