Шпанците се бронзени на Евробаскет 2017

Кошаркарите на Шпанија се освојувачи на бронзените медали на Евробаскет 2017, откако „црвената фурија“ попладнево во малото финале рутински ја совлада селекцијата на Русија со резултат 93-85. Шпанците доминираа речиси целиот натпревар, па и покрај обидот на Русите за камбек во последниот период сепак избраниците на Скариоло го издржаа завршниот притисок и стигнаа до заслужена победа.

Уште од самиот почеток стана јасно дека шпанскиот состав е максимално мотивиран по фијаското против Словенија во полуфиналето. Шпанците набрзина презедоа контрола над резултат и веќе по пет минути игра поведоа со осум поени разлика (13-5). Првата четвртина заврши со резултат 21-13, а шпанскиот состав потоа стигна и до „плус седумнаесет“ во текот на вториот период. Русите не се предадоа, па во последната четвртина успеаја и да се вратат. Тие најпрвин дојдоа на само два поени разлика (78-76) со тројката на Зубков, а потоа при „минус четири“ Фридзон промаши отворен шут за тројка, по што Шпанија влезе во серија и рутински го приврши овој меч, до конечните 93-85.

Пау Гасол беше главна фигура со 26 поени и 10 скокови, Марк Гасол постигна 25 поени, а одличен беше и Серхио Родригез, реализирајќи 16 поени и 9 асистенции. Најефикасен кај Русија очекувано беше Алексеј Швед со 18 постигнати поени.

Се вчитува...