Шпанците во исчекување: Барди против Меси, прв дуел на „снајперистите“

Барселона в недела ќе му гостува на Леванте, тимот кој единствен може да се пофали дека во ланската извонредна сезона на каталонскиот гигант го зеде скалпот на оваа екипа во „Ла Лига“. Нема сомнеж, повторно се очекува фудбалско шоу, а шпанската јавност е во исчекување на дуелот на двајцата „снајперисти“, Енис Барди и Лионел Меси.

Станува збор за двајцата најдобри изведувачи на слободни удари минатата сезона. Барди лани постигна шест, годинава има само еден погодок од ваква ситуација, но Македонецот се уште важи за еден од мајсторите за слободни удари во „Топ 5“ лигите во Европа.

Интересно, ланските две средби меѓу Барселона и Леванте не донесоа и дуел меѓу Барди и Меси, првиот меч на „Камп ноу“ Македонецот го пропушти поради суспензија, додека тренерот Валверде го одмори Меси за мечот во Валенсија, на кој Барди се запиша и меѓу стрелците.

За потсетување, Лео Меси ја покажа својата генијалност со два гола од слободен удар во минатото коло против Еспањол. Сепак, не е тајна дека настапот против најдобрите секогаш е мотив плус за Барди, кој ќе има што да каже и покаже доколку му се укаже шанса да ја затресе мрежата на Тер Штеген.

Се вчитува...