Штербик го урна сонот на Жерар, Французинот сака одмазда

Кире Лазаров со право вели дека голманите ќе го решат и овој фајналфор турнир, впрочем македонскиот ас има доволно искуство од овие натпреваарувања за да знае дека чуварите на мрежите во најголем дел од случаите се клучни во „Ланксес арена“. Во конкретниот случај, Вардар за свој адут ќе го има Арпад Штербик, додека Монпелје на својот гол ќе го има Винсен Жерар, дуел на двајца извонредни голмани во кој предност дефинитивно имаат „црвено-црните“.

Штербик и Жерар се среќаваа и во претходните години во кои Вардар играше против Монпелје во групната фаза од ЛШ и Французинот секогаш си заминуваше од теренот со наведната глава. Три победи на Вардар и едно реми е скорот во меѓусебните дуели во последните неколку сезони, имаше и натпревари во кои Жерар бранеше одлично по едно полувреме, но на крајот сепак пресудуваше класата на Штербик и преголемата офанзивна моќ на „вардарци“.

Во нивниот последен дуел, Штербик го урна сонот на Жерар да стигне до злато во првото големо натпреварување како прв голман на Франција, по репрезентативната пензија на Омејер. Асот на Монпелје бранеше одлично во групите, но потоа во полуфиналето налета на Шпанија, а „црвената фурија“ дополнително токму за овој меч го повика „Арпад велики“. Остатокот од приказната ви е добро познат, Штербик имаше свое шоу на голот, а Жерар со наведната глава го напушти теренот во Загреб, чекајќи шанса конечно да го победи големиот ривал.

Денешното полуфинале во Келн е идеално место за одмазда, го знае тоа и Винсен Жерар, но Штербик како актуелен МВП на фајналфор турнирот сигурно ќе има што да каже, желен со нова европска круна да си замине од Вардар кон Веспрем.

Се вчитува...