Штербик го знае рецептот за Барса: Јас да имам 20 одбрани, и секој да даде по три гола

Македонскиот првак Вардар претстојниов викенд ќе го има најголемиот предизвик во клупската историја, настапот на завршниот Ф4 турнир од Лигата на шампионите во Келн. Во полуфиналната пресметка, „црвено-црните“ ќе се сретнат со Барселона, каде настапуваат Кире Лазаров и Борко Ристовски.

Малку и на шега, искусниот голман Арпад Штербик, кој во минатото беше и на голот на Барселона, вели дека го знае рецептот за да се победи противникот.

„Па ако јас одбранам 20, и секој погоди по три сигурно ќе добиеме. Оваа Барселона не таа во која бев јас. Има доста нови играчи и сѐ. Барселона покажа најдобра форма преку цела сезона. Загубија многу малку натпревари, и затоа се фаворити“, вели Штербик за официјалниот сајт на РК Вардар.

Потоа и апсолутно сериозно го „скенираше“ противникот. Вели дека Барселона е комплетна екипа, со многу силни страни, но, секако и со свои маани.

„Барселона е добра екипа, имаат и пивотмени и крила, и шут од надвор. Барселона е Барселона. Тие се главни фаворити за ЛШ. Ние треба да одиме таму и да дадеме сѐ од себе. Не победуваат секогаш фаворитите. Треба да ја бараме ние нашата шанса. Да искористиме некои моменти на натпреварот, да направиме некоја разлика или да се бориме до самиот крај“, потенцира Арпад Штербик.

Искусниот голман смета дека Вардар мора да биде максимално фокусиран на секој сегмент од Ф4, како дебитант на ова натпреварување.

„Мораме да ја здржиме концентрацијата. Има таму милион работи покрај натпреварите, од новинари, до различни приеми и прослави, и многу луѓе што не си ги видел со години тие се таму. Сепак треба да знаеме зашто одиме во Келн, и да мислиме во тој правец, а да не ни оди вниманието на друга страна“, истакнува голманот на Вардар.

Се вчитува...