Арпад Штербик освои се што можеше да се освои во кариерата, но долго време чекаше на нов трофеј во Лигата на Шампионите. По долги години тој се закити со европската круна на голот на Вардар, а лани имаше можност да го повтори успехот на голот на Веспрем, но на патот му застанаа токму „вардарци“, кои го натераа на капитулација во „Ланксес Арена“ во Келн.
Штербик во интервју за официјалната веб-страница на Веспрем обелодени дека ланскиот пораз од поранешниот клуб му е најтешкиот што го има претрпено во дресот на Веспрем.
„Се уште се свежи спомените од ланската сезона. Поразот од Вардар, за жал, ми е најтешкиот што го претрпев во дресот на Веспрем. Тоа ќе го паметам уште долго“, искрен е Штербик.
Тој останува на ставот за пензионирање од ракометниот спорт.
„Ми недостига спортот, но нема да се вратам во сала. Во моментов сум фокусиран на други работи, сакам да направам лозје за некоја година, па сега се занимавам со работа во градината. Се уште вежбам, исто така сум бејбиситер на моите деца кои учат дома и сакам да им помогнам“, вели Арпад Штербик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА