Штербик објави крај: Сопругата ми вели, можам уште да играм…

За Арпад Штербик веќе нема никаква дилема, легендарниот голман става крај на неповторливата кариера во која освои се што можеше да се освои. Повлекувајќи се во периодот кога се уште може да брани на највисоко ниво е само уште една потврда за класата на Штербик како човек, не чекајќи да дојде до пад во формата и принудно пензионирање, туку збогување додека си на самиот врв.

Тој дефинитивно може да се пофали со извонредна кариера, светски првак во 2013, европски шампион во 2018, четири титули европски клупски првак во 2006, 2008, 2009 и 2017, како и индивидуално признание за најдобар светски ракометар за 2005 година, надополнети со бројни домашни трофеи во Шпанија, Македонија и Унгарија.

„Одлуката ја донесов уште пред да почне пандемијата, а коронавирусот само го забрза процесот на обелоденување. Најлошо од се е неизвесноста, не знаеме кога се ќе заврши и дали ќе можеме да ја довршиме сезоната. Сопругата ми вели, па ти можеш уште да играш. Знам дека можам, работата е дека не сакам. Сите мои врсници сега се тренери или клупски директори, мал е бројот на оние кои се уште играат. Знам дека е дојдено времето да се каже збогум“, истакна Штербик.

Извонредниот голман во интервјуто за официјалната веб-страница на ЛШ на ЕХФ се потсети и на последната европска круна, освоена со тимот на Вардар.

Самоувереност и единство. Кога ќе се потсетам на Вардар во таа 2017 година, прво што ми паѓа на памет е самодовербата. Сите верувавме во тоа, знаевме дека можеме. Не постоеше момент кога било кој од тимот се сомневаше дека титулата е недостижна. Тоа беше неверојатно искуство, прекрасно чувство да се биде дел од тој тим. Целата екипа, сите дишевме како еден, сите бевме на иста бранова должина“, вели Штербик.

Тој се уште нема донесено одлука со што ќе се занимава по завршувањето на кариерата, но во една работа е сигурен – нема да биде тренер.

„Нема да сум тренер, тоа е најтешката професија. Константен стрес и патувања, тоа не е за мене. Зборував со тренерот Дејвис, можеби ќе им помагам на тренерите во Веспрем, но изморен сум од чести патувања и селидби. Сакам малку да уживам во животот, имам винарија во близина на Балатон, татко ми прави убаво вино, се надевам дека ќе тргнам по негови стапки“, открива легендарниот голман.

Се вчитува...