Штерјовски: Не чека израмнето првенство, со исклучок на Вардар и Шкендија кои се издвојуваат

Шефот на Стручниот штаб на Победа, Зоран Штерјовски, верува дека македонскиот фудбал го очекува израмнето првенство во новата прволигашка сезона, со исклучок на Вардар и Шкендија кои квалитативно се издвојуваат од останатите екипи.

Штерјовски потенцира дека Победа е максимално подготвена за предвизвикот во новата сезона, најавувајќи дека се атакува на три бода уште на стартот од шампионатот против Пелистер в недела од 17 часот.

„Мислам дека одлично се подготвивме во овој припремен период, физички а и техничко-тактички сме на едно повисоко ниво. Одигравме дури 9 тест натпревари и мое лично видување е дека тимот е на едно повисоко скалило од предходната сезона. Во преодниот рок ја зголемивме конкуренцијата во сите линии и со доаѓањето на Маневски, Качар, Хумбатов, Ацески и Асани мислам дека екипата доби на квалитет пред се и секако дека со овие квалитетни засилувања Победа ќе биде се надевам при врвот на македонскиот фудбал. Мислам дека одлично се вклопија Маневски, Хумбатов и Ацески додека Асани и Качар се приклучија покасно и секако дека се уште се адаптираат во новата стредина“ – истакнува стратегот на прилепчани.

А, околу амбициите во новата сезона?

„Секако дека амбициите во оваа сезона ќе бидат за горен дел на табела, но не смее предвреме да не обземе некоја еуфорија дека треба да излеземе во евро-куповите. Секако дека ако ни се укаже шанса нема да ја пропуштиме, но не сакам предвреме да создаваме таков притисок уште на стартот од првенството. Што се однесува до другите тимови мислам дека освен Вардар и Шкендија, кои се на повисоко ниво сите останати горе-долу сме изедначени и мислам дека секој секого може да победи. Мислам дека има кадровски промени во повеќето тимови и тоа играчи кои биле носители во нивните екипи а тоа значи адаптација воигрување и создавање на тим што е малку потешко да се направи за период од 30 -40 денови“.

Повеќе од интересен старт на шампионатот ќе има за Победа со пелагониското дерби против Пелистер.

„Дополнително интересен е овој дуел затоа што во Победа имаме повеке битолчани, вклучувајки ме и мене, и секогаш овие дуели биле неизвесни и атрактивни за гледање. Пелистер е квалитетен тим но не е на ниво од претходното првенство и плус со неиграњето на стандардните Илиовски и Да Силва мислам дека треба да се искористи оваа прилика. Во секој случај ние на овај натпревар одиме на трите бода, играме на домашен терен пред својата верна поублика и нема што да калкулираме. Атмосферата во тимот е одлична и со нетрпение се чека стартот на првеснтвото. Сите играчи се на располагање освен Ацески и Качар кои нема да имаат право на настап, првиот поради повреда а другиот поради сертификат од Ф.С. на Србија“ – вели Штерјовски.

Се вчитува...