Штерјовски: Покажавме карактер, и без игра на високо ниво до бод

Шефот на стручниот штаб на Победа, Зоран Штерјоски е задоволен од ремито на неговата екипа против Пелистер на стартот од пролетниот дел од шампионатот.

„Јас сум задоволен од прикажаната игра на моите фудбалери на тешкиот терен во Струмица. За нас секој бод е драгоцен. Не одигравме на посакуваното ниво, но за разлика од есенскиот дел на првенството кога на некои натпревари игравме добро па сепак не освојувавме бодови и ги губевме мечевите во самиот финиш, сега е добро што освоивме бод. Посебен квалитет во нашата игра кој го демонстриравме вчера беше тоа што по двете водства на Пелистер успеавме да се вратиме и за кратко време да постигнеме голови за резултатска рамнотежа. Но ова беше само првата пречка во серијата од четири тешки натпревари на почетокот од овој трет круг на шампионатот. Во недела на очекува нов предизвик првото пролетно гостување – на Силекс. Добро ќе се подготвиме и ќе го анализираме противникот кој несомнено е квалитетен и претендира за излез во Европа. Во Кратово ќе патуваме со желба да го прикажеме најдоброто од нашите можности што се надевам ќе биде доволно да останеме непоразени“ – вели Штерјовски по дуелот во Струмица.

Капитенот на Победа, Александар Крстески вообичаено беше меѓу најдобрите на теренот. А токму со неговиот гол прилепскиот прволигаш стигна до драгоцен бод…

„Познато е дека секој прв првенствен натпревар по подготовките е тежок. А вчерашниот натпревар со Пелистер имаше уште поголема важност и тежина затоа што се работи за традиционалното вечно Пелагониско дерби кое за жал на љубителите на фудбалот од двата градови не се играше во Пелагонија туку во Струмица. И гледачите кои беа на стадионот но и оние многумина кои на интернет го следеа натпреварот имаа можност да видат дека теренот беше многу лош за игра и не дозволи да се пружи поквалитетен фудбал. Ние како Победа од резултатот сме задоволни со оглед на тоа дека се бориме за опстанок а Пелистер е доста квалитетен состав и се бори за излез во Европа. Затоа со бодот сме презадоволни, а од играта не сме премногу задоволни. Целта ни е да освојуваме бодови и да опстанеме во Првата лига и затоа нас ни е битен секој бод. Играта како игра бргу ќе се заборави. Јасно е дека играта не беше на задоволително ниво, но најбитно е што освоивме за нас драгоцен бод“ – вели Крстески.

Се вчитува...