Штерјовски пред дуелот со Шкендија: Да ја повториме играта со Вардар!

Во таборот на Победа во максимално позитивна атмосфера се очекува утрешното гостување против Шкендија во Тетово во рамките на 22. коло до Првата македонска фудбалска лига.

По триумфот над Вардар, и стратегот Зоран Штерјовски верува дека постои силен мотив меѓу фудбалерите на неговиот тим за уште едно квалитетно издание.

„За Шкендија не треба да се трошат зборови. Тоа е тим кој е составен од индивидуалци кои можат во секој момент да го решат натпреварот и да казнат и најмала грешка или невнимание на противникот. Ние покажавме и докажавме дека можеме да се носиме со вакви тимови. Победата над Вардар во претходното коло за нас дојде во вистински момент за подигнување на самодовербата кај секој поединец во нашата екипа. Во неделниот натпревар несомнено притисокот ќе биде кај Шкеднија посебно заради тоа што не победија на претходниот меч на свој терен со Шкупи и сега се под императивот на победа. Ние, доколку ја повториме тактичката дисциплина во играта и вербата во успех како на натпреварот со Вардар, можеме да се надеваме на позитивен резултат. Посебно што на тој натпревар имавме негатива по првото полувреме а на крајот стигнавме до победата. Тоа треба да ни биде една силна мотивација и за овој дуел кој морам да признам ќе биде исклучително тежок за нас затоа што играме со Шкендија, која според мене, има најквалитетен тим во нашето првенство“ – вели Штерјовски.

Се вчитува...