Штерјовски: Резултатите од тестовите не ни се најважни во оваа фаза од подготовките

Тренерот на Победа, Зоран Штерјоски е задоволен од досегашниот тек на подготовките во Банско, потенцирајќи дека стартува градењето на тимот и играта и темпирањето на формата за почетокот на новата сезона во прволигашката конкуренција.

„Примарно сум задоволен од прикажаната игра на овој прв контролен натпревар против Арда. Можеби загубивме од амбициозен бугарски третолигаш, но играта што ја прикажавме беше на високо ниво. Имавме контрола на случувањата на теренот, посед на топка до завршната фаза на нашиот напад каде недостасуваше концентрација. Но мора да се напомене дека противникот играше затворено со 10 играчи позади топка, дисциплинирано во фаза на одбрана поради што беше тешко да се создадат некои поизгледни прилики за гол. Притоа треба да се каже дека и теренот беше доста тежок за игра поради дождот кој цел ден паѓаше во Банско што му овозможи на противникот поуспешно да се брани и да игра на контранапади. Единствениот гол на мечот го примивме од првото доаѓање на противникот до нашиот гол и досуден пенал по нивна контра. Во второто полувреме внесовме во игра осум нови фудбалери и се обидовме во ист ритам да напаѓаме. Создадовме неколку шанси од кои најдобрата ја имаше Цветаноски, кој го мина и голманот но голот го спречи противничкиот штопер кој со лизгачки старт ја изби топката од гол линијата“ – вели Штерјовски и дополнува:

„Она што го форсираме на овие тест натпревари е создавање на препознатлива игра односно организиран напад и високо поставена зонска одбрана.. Резултатите секако се важни но не се во преден план во оваа фаза од подготовките каде најбитно е воигрување на тимот за успеше старт на новата сезона“.

Следниот втор пријателски меч Победа ќе го одигра во вторник 18. јули со новиот прволигаш Академија Пандев, кој исто така е на подготовки во Банско.

Се вчитува...