Штерјовски: Со новиот фонд на фудбалери Победа може да смета на опстанок

Шефот на стручниот штаб на Победа, Зоран Штерјовски е задоволен од подготвеноста на тимот пред стартот на пролетниот дел на првенството во Првата македонска фудбалска лига. Штерјовски верува дека Победа со новите засилувања може да смета на опстанок во елитата…

„Добро се подготвивме без разлика на тие резултати што ги имавме во седумте подготвителни натпревари. Битно ни беше да ги видиме новите но и старите играчи и да вкомпонираме тим. Сите добија шанса на овие натпревари и во текот на подготовките па сега имаме комплетна-целосна слика за тимот и за секој играч поединечно. Новите ангажирани играчи задоволија. Таа конкуренција ни недостасуваше изминатиот период. Сега на секоја позиција имаме по двајца фудбалери и нормално во овој подготвителен период сите дадоа максимум, се залагаа и позитивно делуваа на тие подготовки. Генерално, задоволен сум од сите нови играчи како и од староседелците кои останаа во клубот. Со овој фонд и со овој квалитет на фудбалери можеме да сметаме на опстанок“ – вели Штерјовски, кој најавува и ротација во системот на игра за пролетниот дел од шампионатот…

„Ние игравме ситем 4-2-3-1 во изминатиот период. На пријателските натпревари пробавме неколку нови формации најчесто 4-3-3 на повеќето натпревари. Сакав да ги запознаам играчите со различни системи на игра кои би ги користеле во дадени моменти и на одредени натпревари. Исто така пробавме и формации 3-5-2 и 5-3-2 и мислам дека добро функциониравме без разлика на резултатите на тие натпревари. Секако дека системот ќе се менува по потреба на дадени натпревари и во зависност од противникот со кој играме“.

Победа пролетта ја отвора со дуелот против Пелистер…

„Пелистер секако е квалитетен противник. Се засилија со неколку квалитетни фудбалери во сите линии: Илијоски, Мециновиќ, Блажевски и уште еден напаѓач од Бразил кој играше во Бугарија. Секако дека Пелистер не треба да се потцени, но ни да се прецени. Ние си гледаме наши шанси за успех. Мислам дека сме комплетно подготвени за тој натпревар и ќе одиме на три бода. Нема што да се штедиме и калкулираме во тие 90 минути во Струмица. Било кој противник да е и со кого и да играме ние ќе одиме да освојуваме бодови без разлика дали против Вардар, Шкендија или Пелистер. Сакам да потенцирам дека нема натпревари кои се повеќе или помалку значајни во првенството. Сите се подеднакво важни за нас, посебно заради бодовното салдо и позицијата на која се наоѓаме. За нас секој бод ќе биде драгоцен“ – вели Зоран Штерјовски.

Се вчитува...