Штета: Јакимовски и Тренто ја загубија мајсторката од шампионот

Андреј Јакимовски и Тренто не успеаја да ја комплетираат сензацијата во првото коло од плејофот во италијанскиот шампионат откако тимот на нашиот кошаркар прокоцка предност од 2-1 и ја загуби серијата со шампионот Виртус Болоња со 2-3 во победи.

Тренто идеална шанса пропушти пред неколку дена губејќи на домашен терен, но Јакимовски и соиграчите имаат за што да жалат и по вечерашната мајсторка (106-95), особено ако се земат во предвид беспрекорните три четвртини што ги игра Тренто во Болоња. Гостите реализираа неверојатни 79 поени за 30 минути игра, имаа предност од 76-79 на крајот од тртиот период, но беа немоќни во завршницата која мина целосно во знакот на Виртус (40-16), па евролигашот на крајот славеше со двоцифрена разлика.

Македонскиот кошаркар одигра 17 минути во оваа мајсторка, период во кој реализираше 6 поени (сите во првото полувреме), со една асистенција зад своето име. Американецот Стјуард со 38 поени беше главна фигура во Тренто, додека најзаслужен за победата на италијанскиот првак беше Карсен Едвардс со 31 поен.

Останува да се види дали ова беше последниот натпревар на Андреј Јакимовски во дресот на Тренто ако се знае дека македонскиот репрезентативец веќе има добиено неколку понуди за летен трансфер, една од нив и од евролигашот Валенсија.

Се вчитува...