ШТЕТА: Македонија имаше предност од шест гола во Чешка, за на крај да се ‘задоволи’ со реми!

ЕКИПА во Злин, Чешка

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација има позитивен резултат (24-24) против фаворизираната Чешка по првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство, но може да жали за пропуштената можност за победа ако се знае дека во поголемиот дел од второто полувреме на дуелот во Злин имаше предност и од шест гола разлика, а во еден момент и 10-17. На крај, Чесите со неверојатна серија од 4-0 во последните пет минути дојдоа до реми!

Македонија го отвори натпреварот во Злин со погодокот на Талески, а со почетни две интервенции на Никола Митревски. А по низата одлични игри во одбраната, низ една повеќе од цврста зона од 6-0, веќе во 8. минута со реализаторска игра во нападот и погодокот на Пешевски, Македонија имаше извонредно водство од 1-4. Ниту тајм-аутот не донесе нешто добро за Чесите, па повторно избраниците на Кире Лазаров подоминантни со голот на Георгиевски и до 1-5 по првите десет минути игра.

Сепак, домашните брзо се вратија со два едноподруго погодоци за намалување на предноста на 3-5, откако претходно Лазаров не реализираше седмерец по прекршокот над Стоилов. Но, тоа што не му успеа на Кире Лазаров од седум метри, веќе во 16. минута погоди со препознатливиот негов шут од девет метри, за 4-7 за македонската селекција.

 

Во продолжението гол за гол Македонија дојде и до 5-9, но во 23. минута по еден кризен период Чесите дојдоа до 7-9, благодарение и на одличниот голман Мрква кој имаше серија одбрани. И конечно ставена точка на нападите без погодок, во 27. минута по одличната асистенција на Кузмановски а реализацијата на Стоилов за 7-10. Следеа и погодоците на Талевски и Стоилов, наспроти гол за гол на Чесите, а Филип Миркуловски на пет секунди пред крајот со феноменален погодок донесе 10-13 на полувремето.

А, феноменален почеток и на второто полувреме, па со двата погодоци на Георгиевски и на Никола Маркоски, Македонија дојде до највисоката предност на мечот до тој момент од 10-15. За да, откако Никола Митревски запиша две нови интервенции, нов извонреден погодок, Лазаров нова асистенција до Талески со цепелин за 10-16, а и кога селекторот Лазаров реализира од седум метри со старт од 0-4 до извонредни 10-17.

Откако домашните успеаја да постигнат два гола, во 38. минута следеше вистинска атракција на Георгиевски за 12-18. Во продолжението повторно гол за гол за 14-19 во 43. минута. Чесите во живот ги одржуваше единствено голманот Мрква кој одбрани и два седмерци, на Лазаров и на Филип Кузмановски, а чудесно одбрани и зицер на Маркоски. Па, кога беше најпотребно на сцена Георгиевски со четвртиот гол за 15-20.

А, потоа со два луцидни погодоци на Стоилов и Кузмановски кој пресече една топка на Чесите, до 16-22. Во следната една минута Чесите повторно на сцена за намалување на предност од 18-22, за да бидат запрени од кој друг ако не Лазаров со шут од девет метри за 18-23 во 52. минута од средбата. Но, откако домашните дојдоа до 20-23, следеше нов цепелин сервиран од велемајсторот Лазаров за гол на Талески за 20-24.

И, на крај следеше неверојатен финиш на домашните кои во последните пет минути имаа серија од четири гола за да на десет секунди пред крајот дојдат до 24-24. Во претходниот напад, капитенот Кире Лазаров на 50 секунди пред крајот имаше одличен шут но дирекот спречи македонска победа.

Најефикасен во македонскиот состав беше Филип Талески со пет погодоци, по четири постигнаа Лазаров и Георгиевски, а со три погодоци завршија Стоилов и Кузмановски. Миркуловски и Пешевски постигнаа по два гола, а во листата на стрелците се запишаа и Маркоски и Атанасијевиќ. Голманот Никола Митревски имаше 11 одбрани на голот на македонската селекција.

Се вчитува...