Штета: МЗТ се врати од „минус 18“, но не успеа до сензација против ФМП

МЗТ Скопје претрпе уште еден пораз во рамките од АБА-лигата, откако македонскиот првак загуби на гостувањето против ФМП со  101-97. „Металците“ одиграа квалитетно прво полувреме во кое на крајот беа егал, потоа следеше голем пад во третата четвртина, за „металците“ и покрај големиот камбек сепак да не успеат да направат целосен резултатски пресврт. Кефи беше најзаслужен за камбекот, но американскиот плејмејкер промаши слободно фрлање за израмнување во самиот финиш, по што МЗТ го загуби овој натпревар.

Денешниот натпревар стартуваше катастрофално за избраниците на Александар Петровиќ, кои по само три минути игра се најдоа во негатива од 13-2. Тренерот на МЗТ Скопје побара тајмаут, по што предводени од Војдан Стојановски „металците“ се вратија, приближувајќи се на само еден поен негатива. Сепак, Војдан на средина од четвртината ја доби втората лична грешка, а по неговото излегување ФМП повторно резултатски се одлепи. Македонскиот тим не се предаде, па со храбра игра пред крајот на полувремето МЗТ дојде на само два поени заостанување (55-53).

„Сино-белите“ на стартот од второто полувреме со слободните фрлања на Ајви за момент и поведоа со 55-57, по што следеше серија од 16-2 на ФМП, со која практично беше и решен победникот на овој натпревар. Српскиот тим во последниот период имаше и огромни плус осумнаесет (91-73), но „металците“ предводени од Кафи се приближија на седум поени негатива (92-87). Пандев во најлош момент направи лична грешка за три слободни фрлања врз Фрејзер, но Американецот беше само еднаш прецизен, по што Кефи со нова тројка го врати МЗТ на само три поени негатива (93-90) на нецели две минути до крајот.

Миќовиќ погоди кога беше најважно, со неговата тројка „металците“ дојдоа на 97-95 на 40 секунди до крајот. ФМП промаши, а потоа тактички направи лична грешка врз Кефи на 11 секунди до крајот, но Американецот беше само еднаш прецизен, промашувајќи го слободното фрлање што можеше да донесе израмнување. ФМП го искористи ова и со мирен шут за слободни фрлања во последните секунди ја осигура победата, изразена со конечни 101-97.

Миќовиќ и Кефи постигнаа по 18 поени за МЗТ Скопје, Јигитоглу реализираше 16 поени, а еден помалку за МЗТ постигна Војдан Стојановски.

„Металците“ во следното коло на домашен терен ќе ја пречекаат екипата на Мега, меч кој мора да се добие за да се тргне во бегство од дното на табелата.

Се вчитува...