Штета: Работнички се врати од „минус 22“, но не успеа да го победи Борац

Работнички претрпе уште еден пораз во АБА2 лигата губејќи од екипата на Борац Бања Лига со резултат 77-82. Димитар Мираковски и неговите избраници имаат за што да жалат бидејќи Работнички се врати од 22 поени негатива (46-68), на една минута до крајот успеа и да поведе, но сепак немаше сили таа минимална предност да ја претвори и во конечна победа. „Центарци“ допатуваа во Златибор без капитенот Николовски и без Балмазовиќ, што се одрази врз нивната игра на овој натпревар, кога ја загубија силата токму во самата завршница.

Почетните десет минути завршија со минимални 17-20 за Борац, по што претставникот на БиХ наметна уште посилно темпо во втората четвртина и на одмор замина со убедливи 32-46. На половина од третата четвртина Борац веќе стигна и до дваесет поени предност (40-60), целосно демонстрирајќи ја надмоќта во однос на македонскиот претставник. Работнички заигра подобро на стартот од последната четвртина, кога по серијата на „центарци“ од 9-2 тренерот Николиќ побара тајмаут. Серијата на Работнички продолжи на 14-2, со што македонскиот вицепрвак се приближи на 64-70.

Кошаркарите на Борац како предвреме да ја прославија победата, па се мачеа да се вратат во ритам, а Работнички го искористи тоа и со тројката на Мулалиќ намалија на само еден поен негатива (75-76). Одбраната функционираше беспрекорно, по што Бундовиќ реализираше на спротивната страна и Работнички на една минута до крајот поведе со 77-76. Танасковиќ погоди тројка во најлош момент за Работнички, по што Мираковски побара тајмаут. „Центарци“ имаа три неуспешни шутеви во наредниот напад, Борац погоди едно слободно фрлање, по што Работнички имаше уште една шанса за израмнување, но Питс беше неуспешен во обидот за тројка, па македонскиот претставник го загуби овој меч со 77-82.

Питс постигна 26, Бундовиќ 18, а Торнтон 16 поени за „центарци“, кои во следниот натпревар в четврток во 21 часот ќе се сретнат со словенечкиот претставник Хелиос.

Се вчитува...