Штета: Вардар испушти шанса за победа над Порто (25-25)

Ракометарите на Вардар не успеаја да врзат две победи во низа во Лигата на Шампионите, откако вечерва ремизираа 25-25 на домашен терен против Порто. Во меч со борјни пресврти „вардарци“ се вратија од „минус два“ во самиот финиш, поведоа во последната минута, но потоа примија несреќен погодок откако топката мина меѓу дирекот и голманот Ристовски, кој до тој момент беше најдобар поединец на теренот.

Вардар беше подобар на самиот почеток, поведувајќи со 4-2, резултат при кој Чупиќ промаши празен гол при обид од сопствената половина. Токму од тој момент Порто влезе во фантастична серија, гостите не само што израмнија, туку поведоа и со 4-8 создавајќи им огромни проблеми на избраниците на Алушовски. Вујин постигна два гола во моментите кога нападот не функционираше најдобро, а потоа до крајот на полувремето поголемиот дел од работата ја заврши одбраната на чело со голманот Ристовски, кој покрај бројните одлични интервенции, постигна и три гола како казна за грешките на противникот во нападот „седум на шест“.

На полувреме се замина со водство на Вардар од 13-12, минимално водство што „црвено-црните“ го одржуваа и во првите десетина минути од вториот дел. Борко Ристовски дефинитивно го играше најефикасниот меч во кариерата, откако во 41. минута го постигна и својот четврти погодок на натпреварот, за водство на Вардар од 18-17, принудувајќи го гостинскиот тренер да побара тајмаут. Со израмнета игра се продолжи и во наредниот период, па Алушовски побара минута одмор во 47. минута при израмнети 19-19, со совети до своите ракометари во обид да се извојува победа на оваа средба.

Порто за момент поведе со 20-21, а по израмнувачкиот погодок на Стоилов гостинскиот стратег реши да го повлече одличниот Митревски, па на негово место на голот на португалскиот првак застана Квинтана. Талески влезе во серија грешки, па по промашениот зицер и загубената топка на репрезентативниот бек Порто поведе со 21-23, а Алушовски беше принуден да го земе и вториот тајмаут. Вардар успеа да се врати, најпрвин прецизен беше Чупиќ, а потоа од среден бек тргна и погоди и Дибиров, за израмнување на 24-24 на две минути до крајот. Ристовски блесна со нова успешна интервенција, по што Чупиќ со својот шести гол погоди за ново водство на „црвено-црните“. Порто тргна во последните 25 секунди со „седум на шест“, се чинеше дека немаат идеја за завршница, но гостите со многу среќа стигнаа до израмнувачкиот погодок, откак еден сосема „млак“ удар се протна меѓу дирекот и Ристовски во неговата мрежа.

Марко Вујин и Чупиќ со по шест гола беа најефикасни кај „вардарци“, четири погодоци постигна Ристовски. Во следното коло македонскиот првак му гостува на тимот на ПСЖ, меч закажан за 28 октомври.

Се вчитува...