Штета: Вардар покажа срце и карактер, но загуби од Мешков Брест

Вардар со пораз го стартуваше настапот во Лигата на Шампионите откако македонскиот првак загуби на гостувањето против Мешков Брест со 24-22. „Црвено-црните“ имаат за што да жалат, одиграа добар меч, имаа два гола предност во финишот, но слабата концентрација во самата завршница им овозможи на домаќините да се вратт и да стигнат до победата.

Чупиќ беше стрелец на првиот овосезонски гол на Вардар во ЛШ, за израмнување на 1-1, по што македонскиот првак го имаше и првото водство на мечот (1-2). Брест Мешков поведе со 5-3, но одличните Ристовски на голот и Вујин во нападот набрзина донесоа израмнување на 5-5. Борко Ристовски одбрани и пенал на половина од полувремето, по што Јотиќ повторно го донесе Вардар во водство (5-6). Кога Брест влезе во ритам и поведе со 10-7, Алушовски мораше да побара тајмаут, но по минутата одмор во ритам влезе Пешиќ, кој му одбрани и зицер од контранапад на Чупиќ овозможувајќи Белорусите да отидат и на „плус четири“. Вујин со два нови гола ја преполови негативата на „црвено-црните“, но Мешков Брест заигра подобро во завршницата и на одмор замина со водство од 12-10, откако обидот на Пешиќ од гол на гол кон празната мрежа на „вардарци“ заврши само во дирекот.

Брест Мешков го отвори вториот дел со два брзи гола и водство  од 14-12, но Вардар успеа да се врати, Ристовски со одбранет зицер ја зголеми самодовербата кај соиграчите, па по двата пенали на Чупиќ во 40. минута резултатот беше израмнет (15-15). Алонсо побара тајмаут, но одбраната на Вардар беше на висина на задачата, Ристовски фрли топка за контранапад што Дибиров го претвори во водство на „црвено-црните“. Белорусите делуваа шокирано, повторно загубија топка, па Дисингер биеше прецизно за прва предност на Вардар од два гола на овој натпревар. И кога ритамот беше на страната на македонскиот клуб се направи почетнички „кикс“, грешка во измена, поради што следеше казна од две минути и посед за Брест Мешков, по што Белорусите се вратија (17-17).

И повторно Вардар одигра одлични три-четири минути, пак поведе со два гола (18-20), по што Алонсо беше принуден да го земе и последниот тајмаут на натпреварот. Домаќините се вратија, по што во последните пет минути се влезе со израмнети 21-21. Македонскиот клуб имаше предност од 21-22 и напад, но Јотиќ биеше крајно непрецизно, по што домаќините го израмнија резултатот (22-22, 57. минута). Во клучните моменти домашниот тим делуваше поцврсто во одбраната, па по голот на Шкурински за 23-22 Алушовски го побара последниот тајмаут на помалку од две минути до крајот. Сепак, клучниот напад заврши без шанса за гол, со загубена топка по која Паниќ со својот седми гол ги постави конечните 24-22.

Вујин со шест гола беше најефикасен во редовите на Вардар, четири погодоци реализираше Дисингер, а три Чупиќ.

Вардар во второто коло на домашен терен ќе го пречека Елверум, тим што барем на хартија важи за најслаб тим во групата од Лигата на Шампионите.

Се вчитува...