Штипјани желни за изненадување на реваншот против Холанѓаните во Лигата на шампионите

Македонскиот првак Штип УГД денеска од 18 часот во СЦР „Џексон“ во Штип ќе го пречека холандскиот шампион Орион Старс во реванш натпреварот од првата рунда од ЦЕВ Лигата на шампионите.

Холанѓаните како голем фаворит влегуваат во возвратниот дуел, откако со максимален резултат пред една недела се радуваа пред своите навивачи.

„Орион Старс е еден сериозен противник, располага со квалитет, но и сериозен буџет. Резултатот во првиот меч донекаде е очекуван. Истовремено сметам дека и ние можевме да дадеме посилен отпор, што верувам дека ќе се случи сега, на домашен терен. Се надевам дека со подобра игра на приемот и на блокот ќе можеме подобро да му парираме на противникот и да покажеме заби“ – вели репрезентативецот во редовите на Штип УГД, Стојче Арсов.

Сепак, за Штип УГД овој натпревар нема само резултатско значење, туку и историско, клубот не само што сезонава дебитира во најквалитетното европско клупско натпреварување, туку и за прв пат во Штип ќе се игра еден ваков „елитен“ дуел. Спортскиот центар „Џексон“ пред само месец дена се врати во полн сјај, а денеска ќе биде локацијата на која ќе се игра еден натпревар од Лигата на шампионите.

„Ова е историска вечер! Прв натпревар во Штип и во СРЦ Џексон од овој калибар и зошто да не приредиме изненадување!? Потребна ни е поддршка од публиката, која ќе биде наш седми играч. Од друга страна не знам кога во иднина ќе имаат повторно шанса да бидат дел од еден дуел во Лигата на шампионите. Влегуваме одморени и подготвени, и покрај тоа што распоредот ни е густ поради настапот и во домашната лига. Со ладни глави, ветувам подобра игра и борбеност и ги повикувам сите на уште еден спектакл кој ќе го понуди нашиот колектив“ – вели капитенот на екипата, средниот блокер, Михајло Мирасчиев.

Од овие причини и клубот и одбојкарите имаа обврска да го дадат најдоброто од себе за да се обележи овој значаен момент во клупската историја, но и во спортската историја на Штип.

Влезот во СРЦ „Џексон“ во Штип ќе биде слободен за сите љубители на одбојката и поддржувачи на клубот.

Се вчитува...