ТАЈМАУТ: МЗТ во „земјата на чудата“

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Четири европски натпревари, четири порази. Овој последниот дефинитивно најболен, со убедливи 69-85 од кипарскиот АЕК Ларнака како доказ за апсолутната немоќ на македонскиот првак кога станува збор за ФИБА Европа купот, натпреварување што згора на тоа е најслабо по ранг од сите под капата на европската куќа на кошарката.

Аеродромци тргнаа полни со себе и максимално амбициозни, најавуваа подобри денови, се пофалија и дека се прв македонски клуб што по подолго време ќе игра во Европа (намерно или не, заборавија дека лани Пелистер играше во истото натпреварување од кое тие се дел сезонава). Кој високо лета, брутално паѓа, особно кога очекувањата се така нереални.

Дома се недопирливи, но тоа е веќе стара приказна. За жал, „се по старо“ стануваат и настапите на „сино-белите“ во АБА2, па поразот од Сутјеска и не е така трагичен како што би бил до пред неколку години, кога реално се размислуваше за атак на АБА1, а не продавање на магла што станува очигледно по нецел месец во второто по ранг регионално натпреварување.

Дека европската екскурзија е непромислен потег веќе е повеќе од јасно, четири меча, исто толку порази од кои три на домашен терен. Во сала што делува траорно, со се помалку навивачи на секој нареден натпревар…

За поздрав е што се собра сили како шампион на Македонија конечно да се заигра и во едно европско натпреварување, тренд што треба да го следат што поголем дел клубови, но исто така и треба да се состави ростер способен да се носи со овие предизвици. Ростер што МЗТ реално во моментов го нема, особено кога станува збор за пеколен распоред и играње на секој три дена во период од два-три месеци.

Распоредот никако не смее да биде алиби бидејќи беше добро познат и аеродромци го прифатија тој предизвик пријавувајќи се во Европа. Се надеваа на подобри резултати, на подобра посетеност, на кревање на формата и на рејтингот на клубот во регионални и во европски рамки. За жал, не им се исполни ниту една од тие желби.

Тренерот Атанасов е дел од истата таа приказна, најтрофеен во клупската историја во домашни рамки, но без апсолутно никаков успех кога станува збор за меѓународните натпреварувања. Досега толериран и заштитен иако има значаен дел од вината, младиот стратег сигурно нема сам да се повлече. И се ќе си тече, и ништо нема да се промени… до следната година… и новите празни ветувања за атак на АБА1 и што уште не….

Доминацијата на македонската сцена, која во изминатите пет-шест години никогаш не била пооскудна, овозможува челниците на аеродромци да ја прикријат својата неспособност. Затоа што двојната круна досега речиси секогаш им беше загарантирана, но тоа не е вонсериски успех ако се спореди буџетот на МЗТ со оние на ривалите од домашното првенство.

За конечно да се тргне напред, онака суштински, сепак треба прво да се признае поразот. Не само резултатски, туку пред се оној организацискиот, но тука не може да се направи со „директор што го чуваат од „горе“. Истиот оној поради кој тимот што деценија доминира во мак-баскетот не може да направи ниту половина чекор напред надвор од нашите граници.

Секоја година – потроши ги парите, ако дојде криза моли се во општина, сликај се со пехар во мај/јуни. Па пак во септември кажувај колку ќе си „јак“ следната сезона. И верувај во сопствената бајка само до октомври/ноември… И пак така во круг.

На толку потрошени пари десет години наназад, да не се пофалите со ниту еден посериозен домашен играч што би ги наследил браќата Стојановски, на сериозна клупска стратегија, на стручен штаб што ќе вади и млади играчи….

Се дури не го направат тоа, челниците на МЗТ ќе живеат во некој сопствен свет, „во земјата на чудата“ каде се е дијаметрално спротивно од реалноста… и ќе бидат зачудени по секој пораз од ривали како Сутјеска, АЕК Ларнака, Тарту…. И ќе се праваат „мутави“, ќе покажуваат со прстот насекаде барајќи го виновникот. Само едно нема да направат, да се погледнат во огледало.

Се вчитува...