Што бараше Халанд во куќата на Салихамиџиќ, дали е на повидок нов шопинг на Баерн во Дортмунд?!

Баерн Минхен создаде победничка династија купувајќи ги најдобрите фудбалери на Борусија Дортмунд, тренд што би можел да се обнови доколку се реализираат најавите дека Ерлинг Халанд би можел летово да се пресели на „Алијанц Арена“. Германските медиуми денеска обелоденија дека Халанд, кој е најпосакуван фудбалер на пазарот летово, минал неколку часа на гости во куќата на спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ.

Медиумите побараа и официјален одговор од Баерн на оваа тема, за што добија само „Без коментар“, но самиот факт дека клубот не демантираше средба со Халанд јасно говори дека Салихамиџиќ, Кан и останатите челници на германскиот шампион се сериозно вклучени во трката по норвешкиот ас.

Манчестер Сити според многумина е во водство во оваа трка, но кога Баерн ќе се вклучи, лесно може да дојде до пресврт. Баварците не кријат дека бараат наследник на Роберт Левандовски, а доколку успеат да го добијат потписот на Халанд нема дилема дека Полјакот ќе биде продаден, за да се отвори простор во буџетот за плати. Левандовски е најплатен со 30 милииони евра годишно и бара уште поголема заработувачка, Баерн нема намера да му ги задоволи барањата бидејќи се приближува до крајот на кариерата, но кога е Халанд во прашање, тогаш ситуацијата е сосема поинаква.

Згора на тоа, Норвежанецот за агент го има Мино Раиола, со кого Баерн е пред договор за тандемот на Ајакс, Гравенберх – Мазрауи, па сега супер-агентот би можел да го испрати и својот трет клиент на „Алијанц Арена“.

Се вчитува...