ШТО БИ ГО ЧЕКАЛО АНГЕЛОВСКИ ВО ХАЈДУК? „Жешка клупа“, голем притисок и фанатични навивачи со големи очекувања

Поранешниот селектор на Македонија Игор Ангеловски, е еден од кандидатите за нов тренер на сплитски Хајдук. Според некои информации, Ангеловски дури е фаворит за таа позиција и денеска или утре ќе биде назначен нов предводник, на местото на Јенс Густафсон, кој се задржа 157 денови во Хајдук, или 17 натпревари.

Жешка е клупата на Хајдук, и тоа го покажува историјата низ последните неколку години. Во последните пет години најмногу на тренерската позиција се задржал Жоан Кариљо од Шпанија, кој седел на клупата 41 натпревар. Никој во последните пет години не се задржал повеќе од една година на клупата на сплитските „били“.

Пред Густафсон беше Трамецани, а претходно имаа в.д. тренери како Тони Голем кој седеше на клупата само три меча. Три меча седеше и Боро Приморац, а Хари Вукас беше тренер осум меча. Игор Тудор, легендарниот хрватски фудбалер и сега тренер, се задржа во Хајдук 18 меча, но тој самиот си замина да се врати во Италија и да биде асистент на тогаш Пирло во Јувентус.

Последен тренер кој се задржал повеќе од една година на клупата бил Дамир Буриќ (точно 366 дена). Игор Тудор претходно во 2013 година седна на клупата и беше до 2015.

Ангеловски доколку се договори, би бил прв од Македонија кој би седнал на клупата на сплитскиот тим, а во минатото многумина играчи од нашата земја биле дел од оваа екипа.

Токму честото менување на играчи исто така е голем проблем за Хајдук. Речиси секој преоден рок се носат засилувања, понекогаш и анонимни, кои не играат многу на „Пољуд“, па веднаш се бркани од Сплит. Меѓутоа клубот е извор на млади таленти, и во минатото од таму искачале големи играчи кои подоцна биле главни во големите европски клубови. Во моментов клубот има официјално 17 играчи испратени на позајмици во други тимови.

Притисокот на Пољуд е огромен. Фановите имаат големи очекувања, понекогаш и нереални. Екипата долго време се бори со Динамо Загреб да го превземе приматот најдобар и да дојде до титулата, а во тоа не успева веќе 16 години (последната титула е во 2005 година). Тимот има фанатични навивачи, кои очекуваат многу во нивните миленици, но можат понекогаш да бидат и немилосрдни ако бележат слаби резултати. Често сме гледале напади во и надвор од „Пољуд“, ископувања на стадионот, цртање „кукасти крстови“, влегувања во собелкувалната, вербални пресметки…

Затоа Ангеловски го чека „жешка зима“, се разбира доколку биде тренер на Хајдук. Само резултатите и односот кон играчите и фановите може да го задржат подолго. А, тоа не им успеало на последните 13 тренери кои го предводеле Хајдук.

Во моментов во Хајдук игра Јани Атанасов, а во минатото од македонските играчи кои го носеле дресот на Хајдук се Мирко Ивановски, Игор Кралевски, Мирослав Вајс, Гоце Седлоски, Арбен Нухију, Марио Вујовиќ, Ванчо Балевски и Мирко Петров. Најмногу од сите играл Јани Атанасов кој има 40 меча за сплитскиот тим. Тој е актуелен репрезентативец на Македонија.

Освен Ангеловски, во игра за нов тренер на Хајдук се и Валдас Дамбраускас и Матјаж Кек.

Пред две недели ЕКИПА го контактираше Ангеловски да го праша за евентуален ангажман, затоа што имаше најави дека ќе превземе клуб од Словенија, но тој само кусо одговори дека „нема никогаш да коментира за својата иднина“.

Се вчитува...