Што кажа Милевски за ЕКИПА по разочарувачките три ремија во септември: Ако го победиме Лихтенштајн на гости ќе играме бараж за СП!

Македонија уште еднаш запиша историја за својот репрезентативен фудбал со обезбеденото место, првпат низ еден квалификациски циклус, во баражот за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

Селекторот Благоја Милевски ќе има можност уште еднаш, по ЕП 2017 во Полска, да ја поведе својата генерација кон големо фудбалско натпреварување. А, некако вообичаено, нешто слично како и со младата селекција во 2015 не почна се идеално за него на сениорската клупа. По трите септемвриски ремија со Ерменија, Исланд и Романија наиде на критики од домашната фудбалска јавност.

Но, Милевски ниту во еден момент не беше загрижен за текот на овие квалификации. Напротив, во интервјуто за ЕКИПА во септември, веднаш по трите ремија, категорично нагласи: „Ако го победиме Лихтенштајн на гости ќе играме бараж за СП 2022!“.

„Искрено, со оглед на тоа што во септември беше прв наш заеднички собир и имавме само неколку денови тренинг, јас сум презадоволен. Во октомври не чека, според мене, најтешкиот меч од оваа последна квалификациска фаза против Лихтенштајн. Еве слободно може да кажам тука, ако го победиме Лихтенштајн на гости тогаш сигурно ќе играме бараж за пласман на СП 2022. И ова не е кажано само про-форма туку врз основа на сето досега видено во квалификациите“ – изјави меѓу останатото тогаш Милевски во разговорот за ЕКИПА.

На нашата констатација дека изнесува малку прехрабра констатација која носи обврска пред себе, посебно по три ремија кои не оддалечија од баражот за Мундијалот, тогаш македонскиот селектор само со дополнение:

„Битката за баражот за пласман на СП останува и знам дека ќе трае буквално до последното квалификациско коло и дуелот со Исланд во Скопје во ноември, затоа што согласно моите анализи Исланд воопшто не е селекција против која Романија ќе победи, без разлика што нивниот меѓусебен натпревар во ноември се игра во Букурешт. Кога ги анализирам нашите амбиции и шанси низ еден циклус, тогаш секогаш ја гледам пошироката слика во групата. И знам дека момците со својот квалитет на крај ќе се изборат за заслуженото!“

Наспроти одредени реакции во јавност тогаш за изданието на фудбалерите на септемвриските дуели, Боби Милевски цврсто застана зад играчите и сопствената тактичка определба околу идниот изглед на националниот тим…

„Тие што сакаат и што знаат да видат, јасно ќе ја воочат разликата во играта на македонската репрезентација. Кога низ една тоталната доминација ќе ги натерате репрезентациите на Романија или Ерменија да се бранат како никогаш претходно во наши меѓусебни дуели, тогаш не може а да не бидете задоволни од одговорот на фудбалерите на терен. На тие три натпревари не постоеше она досегашното наше само да се надигруваме со противникот, туку да доминираме над противникот. На мечот со Романија во ниту еден момент не се постави прашањето дали можеме, туку само го чекавме тој момент – гол, кој за жал изостана. Но, головите ќе дојдат верувајте… Нема потреба за никаква дополнителна мотивација кај фудбалерите кога се работи за националниот дрес, затоа што навистина се работи за врвни професионалци кои видов дека горат од желба за нови идни успеси на националниот тим“ – истакна во септември македонскиот селектор.

СЕПТЕМВРИСКОТО ИНТЕРВЈУ НА БОБИ МИЛЕВСКИ ЗА ЕКИПА

Се вчитува...