Што ќе биде со парите од трансферот на Сала?

Во неизвесна ситуација околу судбината на Емилијано Сала и со откажана потрага по авионот со кој исчезна фудбалерот, можеби изгледа неумесно, но се отвора дилемата околу парите за транферот на играчот кој требаше да го засили Кардиф.

Според регулативата, Кардиф е обврзан да му ја исплати на Нант комплетната договорена сума. Ова е затоа што ФИФА го потврди трансферот само три часа пред исчезнувањето на авионот. Велшкиот тим веќе му платил на Нант шест милиони евра, а останатите 11 треба да ги исплати на две рати.

Она што е олеснително за Кардиф во целата ситуација е податокот дека клубот нема да биде во финансиска загуба затоа што ќе биде обештетен од осигурувањето. Играчите од најсилните лиги имаат полиси за осигрување кои покриваат и вакви случаи.

Осигурувањето ќе ја покрие целaта сума кој Кардиф треба да му ја исплати на Нант, но парите ќе легнат по неколку месеци. Ова ја компликува ситуацијата на Кардиф кои иако има богати сопственици, до крајот на преодниот рок нема да има пари за ново засилување. Клубот побара продолжување на преодниот рок со оглед на ситуацијата, но беше одбиен од Англиската асоцијација.

 

 

 

Се вчитува...