Што може преполовениот Вардар против моќниот Веспрем?

Вардар се наоѓа во „црна серија“, падна на шестото место во групата, а во прилог не му оди ниту распоредот, со оглед на фактот дека актуелниот европски првак денеска се среќава со ривалот од последното финале во ЛШ, унгарски Веспрем (17.00 часот, СЦ „Јане Сандански“). Веспрем во минатото знаел да „изгори“ во скопскиот пекол, но овојпат ситуацијата е поинаква, па Унгарците доаѓаат како фаворити во Македонија, не само поради моментната форма, туку пред се поради повредите со кои се соочуваат во „црвено-црниот“ табор.

Кристијан Дисингер беше опериран и нема да може да настапува околу четири месеци, а на последниот меч со Брест Мешков повредата на скочниот зглоб ја обнови и Криштопанс, па Кокшаров ќе нема друг избор освен повторно да експериментира со Дибиров и Чупиќ во бековската линија. Ова дефинитивно ќе значи играње „седум на шест“ во голем дел од мечот, тактика со која многу тешко се доаѓа до позитивен резултат против гигант како Веспрем.

„Имаме проблеми со повреди. Без разлика кои ракометар и ќе играат ќе дадат се од себе и со помош од нашата верна публика да победиме на мечот против Веспрем. Натпреварот трае шеесет минути, а ние имаме по еден ракометар и не можеме да правиме ротација. Ние во вакви услови не можеме да формираме одбрана 6-0, можеме да тренираме само 5-1. Ракометарите се по 60 минути на паркетот и едноставно нема кој да ги замени. Голманите не се во форма. Можеме да измислиме друга одбрана која има повеќе прекршоци и прекини за помалку шутеви на гол. Тоа не може да се случи преку ноќ“, вели Едуард Кокшаров, тренерот на Вардар.

Веспрем има можност со триумф денеска да се зацврсти на второто место во групата, но Унгарците се свесни дека никако не смеат да се опуштат против актуелниот европски првак.

„Вардар е бранител на трофејот и игра дома, каде што вообичаено собира голем дел од бодовите. Имаат проблеми со повредите, но ова им е последен домашен меч сезонава, ќе играат жестоко и ќе сакаат да победат. Салата ќе биде полна и тоа ќе ни ја отежни задачата, но сакаме да ги освоиме бодовите за да ја завршиме годината со што подобар пласман во групата“, прокоментира стратегот на Веспрем, Давид Дејвис.

Веспрем ја доби првата пресметка сезонава со 39-30. Во вкупниот биланс на меѓусебни дуели, на 16 средби Вардар има пет победи вклучувајќи ја и финалната на Ф4 турнирот во Келн минатата сезона.

Се вчитува...