Новак Ѓоковиќ ја освои десеттата титула на Австралија опен и 22. гранд-слем трофеј во кариерата. Последен тенисер кој го победи Србинот во Мелбурн беше Чунг Хјеон во осминафиналето во 2018 година, кога победи со максимални 3-0. За жал, тоа се покажа како можеби најголемиот успех во кариерата на некогаш исклучително талентираниот тенисер.
Јужнокорејскиот играч не е на АТП листата од минатиот август. Победникот на првото издание на завршниот турнир за млади тенисери, на кој ги победи Данил Медведев, Андреј Рубљов и Денис Шаповалов, падна од ранг листата откако низата повреди му ја запреа кариерата.
Неколку месеци по победата над Новак, во април 2018 година, Чунг стигна до 19. место на АТП листата и тоа е најдобриот пласман во неговата кариера.
Следеа низа повреди. Таа година го пропушти Ролан Гарос, потоа Вимблдон и загуби во 2. коло на УС Опен. Следната година не играше на два гранд-слем турнири, а во пандемијата 2020 година играше само во квалификациите за Ролан Гарос.
Повредата на грбот го спречи во 2021 година и го оддалечи речиси до крајот на минатата година, кога играше на турнирот во двојки во Сеул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА