Што се случи: Работник имаше „плус пет“, па загуби во Шведска

Ракометарите на Работник уште долго ќе жалат што денеска не ја прославија првата победа во клупската историја во Лигата на шампионите, откако битолскиот клуб прокоцка пет гола предност и на крајот загуби на гостувањето против Савехоф со резултат 25-24. Алушовски и неговите ракометари долго ќе жалат за пропуштената шанса по одличното прво полувреме, а најголем трагичар е Вегар, кој направи чекори на дваесетина секунди до крајот, кога битолскиот клуб можеше да стигне до израмнување.

Мечот почна одлично за „фармацевтите“, кои благодарение на неколкуте добри интервенции на Митревски дојдоа до предност од 6-8, принудувајќи го домашниот стратег на тајмаут. Нивните налети не запре, па битолчани целосно го контролираа текот на мечот во првото полувреме. Остроушко не реализираше пенал при 8-10, на спротивната страна исклучен беше еден ракометар на Работник, но и со играч помалку избраниците на Алушовски стигнаа до предност од 8-12. Во прилог на македонскиот вицепрвак одеше и црвениот картон на стартниот бек Салихи, кој поради три исклучувања се упати кон трибините по неполни 29 минути игра.

Битолчани го завршија полувремето со одлична предност од 10-15, но потоа во вториот дел дојде до огромен пад во нивната игра. Од минута во минута предноста на Работник се намалуваше, па Савехоф за само 12 минути игра успеа да стигне до израмнување (18-18). Серијата на противникот ја прекина Маџовски со гол за 20-19, но шведскиот тим во неколку наврати имаше по два гола предност. Алушовски свесен за немоќта во нападот се реши за тактиката „седум на шест“, но проблемите продолжија, а Савехоф во 57. минута поведе со три гола (24-21). Македонскиот стратег побара тајмаут на три и пол минути до крајот, Остроушко погоди, Работник дојде на „мионус еден“, а потоа имаше и напад за израмнување. Тогаш судиите изненадувачки покажаа чекори од Вегар на средината од теренот, што значеше и дефинитивен крај на шансите за освојување на барем еден бод на ова гостување.

 

 

Се вчитува...