Што треба да направи Вардар за да побегне од ПСЖ?

На две кола до крајот од групната фаза во Лигата на шампионите, Вардар успеа да го осигура пласманот во осминафиналето од елитното европско натпреварување. Со триумфот над Мотор „вардарци“ се искачија на петтото место пред Порто, а сега мораат да сторат се што е во нивна моќ за да останат таму, бидејќи тоа ќе значи избегнување на дуел со ПСЖ во првата фаза од нокаут натпреварувањето.

Системот на натпреварување е следен – победниците на групите одат директно во четвртфиналето, додека второпласираните екипи ќе играат со ривали од групите Ц и Д, кои квалитативно се послаби од елитните А и Б групи. Третопласираниот од групата А (моментно тоа е ПСЖ) ќе се сретне со шестата екипа од Б групата, позиција што моментно му припаѓа на Порто, но лесно може да се случи на неа да падне и Вардар. Токму затоа клучен ќе биде следниот меч во Португалија, на кој „вардарци“ не смеат да дозволат пораз од Порто, бидејќи тоа ќе значи нивни пад на шестото место. Доколку останат на петтата позиција, „црвено-црните“ ќе се сретнат со четвртата екипа од групата А, што моментно му припаѓа на данскиот Алборг со два бода предност пред Фленсбург.

Ако Португалците слават, „црвено-црните“ ќе имаат шанса во последното коло да се вратат на петтото место, но тоа нема да биде нималку лесно, ќе им треба победа на домашен терен над Монпелје, но и пораз на Порто на гостувањето против Брест Мешков, кој веќе нема никакви шанси за осминафинале.

Дуел со францускиот гигант може да се избегне и доколку ПСЖ успее да ја надополни негативата од два бода зад Пик Сегед. ПСЖ денеска загуби од Пик Сегед, но сигурно нема да се откаже од борбата за второто место во групата бидејќи има два бода помалку, но и подобар меѓусебен скор од унгарскиот вицепрвак. „Светците“ ќе мораат да слават на преостанатите две средби во групата (дома со Елверум и со Загреб), истовремено и да се надеваат дека Пик Сегед ќе загуби еден од двата натпревари што се пред овој тим (гостувања против Фленсбург и Барселона).

Се вчитува...