Штох блиску до одбрана на титулата на „Четирите скокалници“

Полјакот Камил Штох ја продолжи доминацијата на 66.издание на Новогодишната турнеја во скијачки скокови. Штох победи на третиот натпревар на скокалницата во Инсбурк со што практично обезбеди и одбрана на ланската титула. Доколку Полјакот победи и на последниот натпревар в сабота во Бишхофен, тогаш ќе го повтори потфатот на Германецот Свен Ханавалд од пред 16 години. Ханавалд во 2002 година стана прв и досега единствен скокач кој успеал да победи на сите четири скокалници на традиционалната  Новогодишна турнеја.

До победата во Инсбрук, Штох стигна со скокови од 130,0 и 128,5 метри кои му донесоа вкупно 270.1 бода. Второто место му припадна на Норвежанецот Даниел Андре Танде со 255.6 бода (129,5 и 125,0 м.) , а трет е Германецот Андреас Велингер со 253.5 бода (133,0 и 126,0 м.).

Натпреварот во Инсбрук беше фатален за младиот германски ски-скокач Ричард Фрајтаг, кој во првата серија прелета 130 метри, но имаше лош доскок, падна и предвреме го заврши настапот. Германецот не беше во состојба да настапи во втората серија и се прости од сонот за вкупна победа.

Се вчитува...