Штрајк во Металург: Играчите престанаа со тренинзи, нема ни да играат додека не добијат пари

Финансиската криза не го одмина Металург ниту во текот на оваа натпреварувачка сезона, но суперлигашот од Автокоманда овојпат се соочува со уште поголеми проблеми откако сите ракометари и членови на стручниот штаб објавија штрајк. Според најавите од таборот на Металург, екипата престанува со тренинзи на неодредено време, поточно до добивањето на барем дел од средствата што им се должат.

Управата на клубот е свесна за големите проблеми, а уште поалармантно е што нема конкретна најава кога ракометарите би можеле да го добијат она што го бараат, па сериозна е опасноста Металург воопшто да не го одигра наредниот суперлигашки дуел, закажан за претстојниот викенд против Пролет.

„Денес добив известување дека играчите од првиот тим и стручниот штаб се повлекуваат од тренинзи и натпревари до исплата на обврските. Како Управа не ги поддржуваме овие мерки. Поаѓајќи од познатите премрежија во блиското минато на Клубот, сметаме дека ваквиот начин нема да смени ништо. Напротив, ќе донесе нови проблеми и уназадување на работата на индивидуален план кај играчите, кај Клубот како тим и колектив, а и на поширок план во Суперлигата, воопшто. Ние како управа апсолутно ќе ги почитуваме нивните Одлуки и ќе ставиме мораториум на сите дисциплински мерки, додека не се реализираат Договорите за исплата на средствата кои ги очекува Клубот. Воедно ќе ја известиме РФМ и останатите засегнати страни ( комисии) за новонастанатата состојба и ќе побараме мислење и реакција. Управата на клубот ќе продолжи да се бори во овие тешки услови и ќе го издржи налетот на проблемите и овој пат, ќе ги издржи и казните што произлегуваат од оваа ситуација. Тековната сезона, лошите резултати, во пакет со некои одлуки кои мораа да бидат донесени за да се преброди периодот на транзицијата се сеуште рецидив од сличната ваква состојба која донесе ненадоместлива штета на клубот. Но истакнуваме дека токму во транзиторниот период се вратија обврски на клубот кој се мерат со неколку стотици илјади евра, а се направи реструктурирање чии ефекти се очекувааат на крајот на оваа полусезона и почетокот на наредната календарска година. Управата на полусезона ќе се направи анализа и ќе се донесат некои одлуки за доброто на Клубот и создавање на здрава средина за младите играчи, како основна цел на постоењето“, порачуваат од раководството на РК Металург.

За потсетување, Металург најавуваше амбициозен влез и во новата сезона, но проблемите станаа очигледни откако клубот го откажа учеството во европските купови. Веднаш потоа следеше заминувањето на браќата Нијокас во Вардар, за поради доцнење на уплатата за сертификати сите странски засилувања го пропуштија првиот меч од новата сезона.

Доколку не биде најдено решение за големата криза, огромна е опасноста да дојде до целосен распад на тимот, Металург до крајот на сезонава да настапува само со членови на младинската екипа, со што е огромен ризикот и од испаѓање од елитното друштво.

Се вчитува...