Шутерско шоу на Академија ФМП за славје против новалијата Феникс 2010

Академија ФМП им се врати на победите откако во 12. коло славеше на домашен терен против новлијата Феникс 2010 со 95-75. „Академиците“ имаа фантастична шутерска вечер со 17 погодени шута за три поени од 32 обиди, сегмент од играта преку кој направија предност за резултатска стабилност до крајот на мечот.

Натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од паркетот по кое подобро се снајде Академија ФМП која благодарение на шутот за три поени стигна до предност од 25-22 по 10. минути игра. Добриот моментум на „академиците“ продолжи и до крајот на првото полувреме. Избраниците на Петровиќ ги користеа грешките на гостите, имаа висока реализација за три поени, притоа одиграа и добро во одбраната и постојано ја зголемуваа предноста која на полувремето изнесуваше 53-39.

Академија ФМП беше шутерски расположена и на отварањето на второто полувреме кога преку Стојановски и Ајви стигна до највисоката предност од 21 поен (62-41), но сепак гостите не се предадоа. Следеше период во знакот на Феникс кој одигра одлично во нападот и одбраната па експресно ја намали негативата на само 12 поени (67-55), но најдоброто оружје на домаќините – шутот за три поени повтроно не ги разочара. Стојановски продолжи во расположен ритам па „академиците“ го вратија и моментумот и ја задржаа предност од 76-62 по 30. минута. Во последната четвртина гостите повторно се обидоа да се вратат во мечот, но домаќините одолеаја на налетот за осмата победа во првенството.

Лука Стојановски со 20 поени беше најефикасен кај Академија ФМП, додека него го следеа Ајви и Бакоч со по 17 поени на кои Американецот додаде и 7 скока и 6 асистенции, додека Македонецот 7 скока. Кај гостите Андреј Митревски и Куртис Џоунс постигнаа по 19 поени проследени со 5, односно 4 скока, додека двоцифрени со по 13, односно 11 поени беа и Морган и Кларк.

Се вчитува...