Швајцарците го сменија планот: Против Македонија нема да се игра во Цуг

Квалификацискиот натпревар за ЕП 2022 меѓу Швајцарија и Македонија закажан за 7 ноември нема да се игра во „Босар Арена“ во Цуг, откако домаќините во последен момент се премислија и решија да изберат нова локација за оваа средба. Со најновиот развој на настаните, мечот ќе биде одигран во „ББЦ Арена“ во Шафхаузен, објави Швајцарската Ракометна Федерација.

До промена доаѓа по одлуката на швајцарските власти за лимитирање на публиката за спортските настани на само 50 присутни во салите.

Арената во Цуг е со поголем капацитет и затоа беше избрана од ракометната федерација, но сега кога секако не може да има побројна публика беше решено мечот да се игра во помала сала, во Шафхаузен.

Македонија ќе го стартува новиот квалификациски циклус со домашен натпревар против Финска на 4 ноември, по што три дена подоцна ќе следи гостувањето во Швајцарија.

Се вчитува...