Швајцарците загубија од Данска во увертирата пред Македонија

Данска лесно триумфираше над Швајцарија со 31-26 во првото коло од квалификациите за ЕП 2022, во групата во која се наоѓа и македонската ракометна репрезентација. Швајцарците, кои в сабота ќе бидат следен ривал на Македонија во овој квалификациски циклус, немаа сили да го изненадат големиот фаворит, кој од самиот почеток наметна темпо што гостите не можеа да го следат.

Данска во 10. минута поведе со 6-3 и потоа рутински го контролираше резултат, на одмор заминувајќи со водство од 14-8. Домаќините продолжија со фуриозна игра и на почетокот од второто полувреме, експресно доаѓајќи до „плус осум“ (21-13, 22-14, 23-15). Победата беше осигурана, па во финишот дојде до мало опуштање кај домашниот состав, што беше искористено од швајцарските ракометари за да го ублажат поразот до конечните 31-26.

Анди Шмид беше главен играч на Швајцарија постигнувајќи десет погодоци, четири пати прецизен беше левиот бек Лени Рубин, а трипати мрежата на Данците ја затресе Сидорович. Расмус Лауге со деет погодоци беше предводник на Данска во овој триумф.

Се вчитува...