Шведска со ВАР-пенал до победа над Јужна Кореја

Шведска тргна триумфално на мундијалот во Русија откако скандинавската селекција по многу битка успеа да слави со минимални 1-0 на дуелот против Јужна Кореја. Во свој стил, со цврста игра во одбраната и мал број на шанси во нападот Швеѓаните сепак успеаја да стигнат до цел плен, благодарение на голот од пенал што го постигна Гранквист. Главниот судија најпрвин не го санкционираше стартот на Ким над Клаесон, но по сугестија на ВАР-асистентите тој повторно ја прегледа целата ситуација по што покажа на белата точка.

Првото полувреме мина во тактичко надмудрување на средината на теренот, при што единствената посериозна шанса ја пропушти Берг, кој биеше од десетина метри, но Чо одлично интервенираше. Игра не можеше да се развие ниту поради честите прекршоци, дури 23 (14-9 за Кореја) во првите 45 минути, најмногу на едно полувреме од овој мундијал.

Нешто подобар фудбал можеше да се проследи во вториот дел, откако Корејците први се заканија со ударот со глава на Ко, што беше за малку непрецизен. На спротивната страна возврати Тоивонен, но Чо го запре и неговиот обид, за во 64. минута да биде досуден ВАР-пеналот што Гранквист го претвори во победнички погодок. Скандинавската селекција, која во баражот за овој мундијал ја елиминираше Италија, потоа умешно ја сочува предноста до самиот крај, за одлични три бода на стартот од првенството во пресрет на второто коло во кое Швеѓаните ќе се сретнат со светскиот првак Германија.

HIGHLIGHTS: Sweden vs South Korea (1-0) | All Goals of Match – World Cup 2018 by footbie.com

Се вчитува...