Швеѓанките без мотив – славеше Унгарија, испадна Шпанија

Унгарија го освои четвртото место во својата група и го зеде последниот четвртфинален билет за женскиот ракометен турнир, откако во денешниот дуел Унгарките славеа над Шведска со 26-23. Шпанија излезе „најголем лузер“ во целата ситуација бидејќи по поразот на Шпанките од Франција и победата на Унгарија, „црвената фурија“ падна на петтото место и прерано го заврши својот настап на овие Олимписки Игри.

Во прилог на Унгарија одеше фактот дека Шведска уште пред ова коло го осигура првото место во групата, па скандинавската селекција ги чуваше силите за нокаут-фазата. Првото полувреме заврши со израмнети 15-15, но потоа Унгарија го отвори вториот дел со пет гола во низа, серија со која стигна до недостижна предност и го освои посакуваното четврто место. Во четвртфиналето Унгарките ги очекува дуел со апсолутниот фаворит Норвешка, кој досега има четири победи на четири натпревари во Токио.

Дури пет унгарски ракометарки постигнаа по четири гола во денешниот триумф (Хафра, Клујбер, Лукаш, Мартон и Шолоси), а извонредна на голот беше голманката Биро. Најефиксна во шведскиот табор при овој пораз беше Хагман со пет погодоци.

Се вчитува...