Сигурни победи на Пролет, Тиквеш и на Бутел

Фаворитите немаа проблеми да стигнат до посакуваните бодови на стартот од новата рунда во ракометната Супер-лига, откако Пролет, Тиквеш и Бутел стигнаа до победи против тимови кои важеа за аутсајдери во пресметките против нив.

Пролет славеше со 25-34 на гостувањето во Кисела Вода против тимот на Јуниор. Домаќините подобро го почнаа дуелот, имаа водство од 8-5, но остатокот од мечот мина во знакот на ракометарите на Пролет. Оваа екипа најпрвин на одмор замина со водство од 14-16, за потоа целосно да го скрши отпорот на Јуниор и да слави со конечни „плус девет“. Пецаковски постигна седум, а Џонов и Јагуриновски по шест гола за победничкиот тим.

До нови бодови во истата група стигна и Тиквеш, триумфирајќи пред своите гледачи против Скопје со резултат 30-27. Единаесет различни ракометари се запишаа меѓу стрелците за кавадарчани, а најефикасен беше Симиќ со седум погодоци.

Бутел не виде мака на домашен терен против Вардар Неготино, славејќи со 31-24. „Бутелци“ уште во раната фаза поведоа со шест гола предност (9-3), што рутински ја одржуваа до самиот крај на натпреварот. Стефан Крстевски со единаесет поени го предводеше Бутел во оваа победа.

Се вчитува...