Силекс по „пенал-рулет“ до третиот трофеј во Купот на Македонија! (ФОТО)

Кратовски Силекс е победник во Купот на Македонија за сезоната 2020/21 откако по „пенал-рулетот“ славеше со 4-3 против Академија Пандев во финалето на најмасовното домашно клупско натпреварување.

A, претходно во регуларниот дел и во продолженијата Академија Пандев и Силекс го одиграа едно од најздодевните финалиња во историјата на Купот на Македонија, кое заврши без голови.

Во регуларниот дел за 90 минути игра на националната арена „Тодор Проески“ фудбалерите и на Александар Васоски и на Горан Симов не реализираа буквално ниту една посериозна шанса за погодок. Ако може да се издвојат две можности пред двата гола тогаш тоа е шутот покрај голот на Марјан Радески во 91. минута, и нафрлената топка на Тантуровски во 85. минута пред голот на „пандевци“ за која за малку беше прекраток Филип Дурански. И толку. Ништо повеќе!!!

Во продолжението единствено останува за одбележување шансата на Каракамишев во 98. минута, откако со глава шутираше сантиметри покрај десниот дирек од голот на струмичани.

Во пенал-рулетот, се беше одлучено во петтата пенал серија во која за Силекс погоди Карчевски, а Велиновски за Академија Пандев не успеа да реализира.

Силекс дојде до третиот трофеј во Купот на Македонија, прв после 24 години. Кратовци се и последниот македонски претставник ова лето во УЕФА Конференциската лига, заедно со Шкупи и Струга ТЛ. Шкендија ќе ја претставува Македонија во квалификациите за Лигата на шампионите.

Се вчитува...